Петар Печков
Објавено: недела, 09 август 2015
Многу луѓе се свесни дека соодветна количина на сон е важна, но малкумина знаат дека сонот е исклучително важен во метаболизмот на енергијата и регулирањето на хормоните, па така неговиот недостиг може значително да ги поремети сите ваши планови кои сакате да ги остварите со тренинзи и диета. Денешниот човек во просек спие околу 1 час помалку од пред сто години, а тоа му носи многу здравствени проблеми, па и проблем со прекумерната тежина.
Истражувањата покажуваат дека недостигот на сон е еден од водечките независни фактори кои водат кон дебелина и пореметување во исхраната. Недоволно сон во период од само 4 до 5 дена веќе донесува промени на метаболизмот и внесот на храната кај просечниот човек, а многу луѓе денес не се наспиваат и прилично подолго време.
Организмот ако има недостиг на сон троши повеќе калории дневно, за околу 5 до 10 отсто, но внесот на калории уште повеќе се зголемува поради пореметување во исхраната и тоа резултира со зголемување на телесната маса. Иако лицата со недостиг на сон јадат многу помалку во првиот оброк и првиот дел од денот, се покажало дека во текот на денот го надминуваат бројот на потребните калории кои организмот подоцна ги складира во масни клетки; доаѓа до промена во регулирањето на хормонот грелин и лептин кои влијаат на чувството на глад, т.е. ситост.
Освен тоа, истражувањето покажа дека поради замор и недостиг на енергија ненаспиените лица потсвесно помалку се движат и помалку се активни отколку за време на периодот кога остваруваат соодветна количина на сон. Тие промени во метаболизмот на енергијата се доволни за кратко време да ја зголемат телесната маса. Сакате да изградите мускулна маса, сонот е исто така од голема важност.
Имено, за време на сонот засилено се лачи хормонот за раст кој помага на синтезата на протеините и изградбата на мускулите. Исто така, се покажало дека благ недостиг на сон може да ја намали работната способност при спортска активност за околу 10 отсто, што значи дека тренингот нема да биде ефективен како што треба и мускулите нема да бидат доволно стимулирани.
Одморот не е без причина најважен дел на фитнесот. Без соодветна регенерација не можеме да го одржуваме метаболизмот во рамнотежа и да ги постигнеме своите цели, а тоа се случува во најголема мера токму за време на спиењето.
Tweet |